Албанска фудбалска федерација: Длабоко жалиме за однесувањето на Даку, тој веќе изрази каење

Албанската фудбалска федерација се огласи по повод инцидентот на фудбалерот Мирлинд Даку, кој после натпреварот со Хрватска со мегафон ги пцуеше и навредуваше Македонија и Србија.

Самиот Даку се извини за инцидентот, а потоа се огласи и УЕФА која покрена постапка против играчот, кому му се заканува суспензија за последниот натпревар од групата против Шпанија.

– Албанската фудбалска федерација го признава неодамнешниот инцидент со нашиот играч Мирлинд Даку, кој се случи по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Разбираме дека во жарот на спортските натпреварувања емоциите растат, постапките на Мирлинд беа жална реакција на една исклучително напната ситуација. Мирлинд Даку веќе изрази длабоко каење за своите постапки и упати јавно извинување. Тој ги разбира последиците од неговото однесување и ја презеде целосната одговорност. Овој инцидент не го одразува неговиот карактер или вредностите до кои ние како федерација се придржуваме, стои во соопштението на Албанската фудбалска федерација.

И екипата на Рубин Казан се огласи со соопштение по повод навредите кон Македонија и Србија искажани од нивниот првотимец Даку  по натпреварот против Хрватска на Европското првенство.

-Напаѓачот Мирлинд Даку си дозволи навредливи извици по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Нашиот клуб ја прифаќа одговорноста за тоа што се случи. ФК Рубин претставува мултинационален тим и секогаш се придржува до принципите на почит и еднаквост, категорично осудувајќи ја секоја форма на дискриминација и навреди на национална, верска или расна основа. По враќањето во просториите на клубот, против фудбалерот ќе бидат применети дисциплински и финансиски санкции. Ќе се разговара и со играчите на клубот со цел да се избегнат вакви инциденти во иднина, гласи соопштението на Рубин Казан.

Претходна вестИзгаснати седум пожари на отворено, активен е пожарот кај селото Цер
Следна вестПриватните превозници повторно најавуваат протест, не добиле пари од јануари?!