Остатоци од брод и неговиот товар, за кои се верува дека се стари 3.300 години, се откриени во источниот дел на Средоземното Море, објавија израелските археолози.
Стотици недопрени амфори се откриени на 90 километри од северниот брег на Израел на длабочина од 1.800 метри. Израелската управа за антиквитети (ИАА) вели дека ова откритие сугерира дека морнарите од тој период ја користеле положбата на сонцето и ѕвездите за навигација, пишува ББЦ.
Потонатиот брод е пронајден при рутинско истражување за нафта и гас.
Според ИАА, тоа е најстариот потонат брод најден во регионот. Бродот најверојатно потонал за време на бура или поради пиратски напад.
-Ова откритие ни ги открива како никогаш досега навигационите вештини на древните морнари, рече Џејкоб Шарвит, шеф на поморската единица на ИАА. Тој додаде дека ова покажува дека нашите предци можеле да пловат преку Средоземното Море без да го видат брегот на хоризонтот.
-Од оваа географска точка е видлив само хоризонтот. Тие веројатно користеле небесни тела за навигација, рече тој.
Товарот го забележале роботите на нафтената компанија Енергеан, која барала потенцијални нови извори на енергија во близина на израелскиот брег.
Истражувањето на компанијата откри стотици амфори, бокали со двојни рачки кои се користеле за складирање на стоки како вино или маслиново масло за време на бронзеното доба.