Денес во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде отварена изложбата “Чемерски: Низ цртеж, отпосле” на македонскиот уметник Глигор Чемерски.
Изложбата е во организација на галерија ГРАЛ и на Младинскиот културен центар во Скопје. Куратор на изложбата е м-р Елена Чемерска.
– Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Галерие ду Флеуве, создадени меѓу 1983 и 2003 година, велат организаторите.
Глигор Чемерски (1940- 2016, Кавадарци, Македонија) сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија, Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Беград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.