Home АКТУЕЛНО Мицкоски ја презеде премиерската функција

Мицкоски ја презеде премиерската функција

0
Мицкоски ја презеде премиерската функција

Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката Влада, Талат Џафери.

На примопредавањето во Владата, Мицкоски и Џафери имаа кратка средба, без изјава за медиумите.

Мицкоски, подоцна, во објавата на неговиот профил на Фејсбук наведе дека останува посветен на решавањето на итните прашања.

– Денес имав чест да ја преземам функцијата премиер од мојот претходник.
На церемонијата во просториите на Владата, како новоизбран премиер, акцентирав дека ќе ги почитувам принципите на транспарентност, одговорност и напредок.
Мојата визија е насочена кон економски раст, социјална кохезија и меѓународна соработка.
Остануваме посветени на решавање на итните прашања со кои се соочуваме и работа кон обединета и просперитетна држава.
Со новата одговорност што ја преземам, продолжуваме да работиме за интересите на сите наши граѓани и да ги остваруваме националните цели, на домашен и меѓународен план, наведе тој.

Мицкоски, денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општина Штип.

Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.