Почнувајќи од денеска, жителите на скопската општина Центар можат да се пријавуваат за субвенции за секој купен велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет. Општина Центар го објави јавниот повик за доделување субвенции во рамки на проектот „Цел Центар на точак“. Финансиската поддршка изнесува 30 проценти од сумата на купениот велосипед, но најмногу до 3.000 денари.
Секој полнолетен жител на Општина Центар може да се пријави на овој Јавен повик.
-Морам да нагласам дека велосипедите и електричните тротинети треба да се купени по 1.6.2024. Потребно е само да ја доставите потребната документација. Проектот „Цел Центар на точак“ со години наназад се покажа како успешен. Центарци имаат навистина огромен интерес, а во исто време проектот придонесува кон здрава и чиста животна средина, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
За доделување на финасиската помош потребно е да се достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.
Барањето за субвенција е достапно во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака бр.6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје – www.centar.gov.mk.
Комплетната документација заедно со барањето се доставува во архивата на Општина Центар- Скопје, барака бр.6, од 09:00 часот до 15:00 часот, почнувајќи од денот на објавување на јавниот повик.
Субвенционирањето трае се до исцрпување на средствата.