Штотуку на седницата на Влада, усвоивме информација за 600 нови вработувања на приватни специјализанти за потребите на Јавните здравствени установи, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски. На неговот профил на социјална мрежа Фејсбук тој наведе дека се решаваат најважните проблеми на граѓаните.
-30 дена работиме посветено и одговорно кон граѓаните. Продолжуваме фуриозно да ги решаваме насобраните проблеми и тоа онаму каде што е најтешко, онаму каде што граѓаните најмногу се жалат! Штотуку на седницата на Влада, усвоивме информација за 600 нови вработувања на приватни специјализанти за потребите на Јавните здравствени установи. Шанса за младите доктори, помалку гужви во болниците, поголема грижа за пациентите, знаење и конкуренција во здравството, наведе тој во објавата.
Мицкоски додаде дека Министерството за здравство ќе ги утврди критериумите за ангажирање на овој кадар.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, пак, соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука за вработување на 300 приватни специјализанти до крајот на годинава.
-До крајот на годинава ќе се вработат 300, а идната година плус 300 приватни специјализанти. Денеска по предлог на Министерството за здравство, на владина седница ја разгледавме и ја усвоивме информацијата за вработување приватни специјализанти од областа на здравството, неопходни за јавните здравтсвени институции во РСМ за 2024 година, напиша на социјалните мрежи Таравари.
Со оваа одлука, како што посочува Таравари, Министерството за финансии се задолжува до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 38.000.000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти.