Северна Македонија спроведе неколку бранови на реформи во правосудството и усвои нова стратегија за правосудството со цел да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на правосудниот систем, но сепак независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост, се наведува во годишниот Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година, подготвен од Европската комисија, во кој годинава првпат се вклучени и државите опфатени со процесот на проширување – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
– Нивото на утврдена независност на судството е многу ниско. Загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми, се наведува во Извештајот.
Според ЕК, преземени се мерки за подобрување на транспарентноста, особено под покровителство на претседателите на Врховниот суд и на Судскиот совет и се воспоставени етички кодекси и за обвинителите и за судиите.
– Ограничените финансиски средства доделени на судството може да влијаат на нивната финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата. Се развиваат дигитални алатки за управување со случаи. Ефикасноста на судството е намалена за првостепените граѓански, трговски и кривични предмети, додека таа остана стабилна за второстепените предмети, се додава во текстот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во извештајот се посочува дека е воспоставена сеопфатна национална антикорупциска стратегија, но дека има застој во нејзината имплементација.
– Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво, смета Еврокомисијата, посочувајќи дека Државната комисија за спречување на корупцијата продолжи со напорите за исполнување на својот мандат и покрај ограничените ресурси.