Клековски: Значителен број од луѓе што собираат средства за лекување во странство воопшто не се обиделе да добијат средства од Фондот

Значителен број граѓани кои сами собираат средства за лекување во странство воопшто не се обратиле до Фондот, изјави денеска директорот на ФЗО Сашо Клековски.

-Лекувањето во странство е еден мал сегмент од работата на Фондот. Тоа е многу повеќе од сето тоа. И една од првите средби, меѓу другото, ни беа со луѓе што се ангажирани во собирање средства. Скоро 80 отсто од пациентите не се обраќаат во Фондот. Ние на дневна основа, да не кажам ама на секои три дена, одобруваме доста лекувања во странство. Значителен број од тие луѓе што собираат средства воопшто не се обиделе да добијат средства од Фондот и верувам дека е прашање на недоверба во институциите, дека воопшто не веруваат дека имаат шанса да добијат средства. Ние таа недоверба мора да ја надминуваме, мораме да бараме системски решенија, рече Клековски.

Тој додаде дека во извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) има значајни забелешки за начинот на водење на лекувањето во странство. Еден од приоритетите е тоа структурно да се корегира и да се изгради еден однос на доверба со пациентите и оние пациенти кои имаат потреба навистина да добијат поддршка од Фондот за здравствено осигурување.

-Очекувам за десетина дена да знаеме дали ќе има проширување на позитивната листа со девет нови лекови бидејќи она што министерката за финансии го истакна е дека во Буџетот постојат многу дупки кои ние допрва ги востануваме, додаде Клековски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на струмичката болница.

Тој информира дека вкупниот долг во јавното здравство веројатно надминува 100 милиони евра, а е долг кој е настанат заради несоодветното буџетирање во изминатиот период.

-Значи, речиси 80 отсто од буџетот оди за плати и за функциите останува многу малку, тоа се долгови за лаборатории, за кујна, за технички работи и друго. Поради таа состојба и еден од битните апарати-компјутерската томографија веќе од март месец е надвор од функција, бидејќи апаратот е дотраен и не се обновува, а опслужува едно широко подрачје. Само во Струмица се над 100 илјади осигуреници, а оваа болница опслужува многу повеќе од тоа, истакна Клековски.

Претходна вестЕК: Северна Македонија спроведе реформи за независност на судството, но останува загриженост за негова заштита од влијание
Следна вестКомерцијална банка доби нова кредитна линија од 3,5 милиони евра од ЕБОР за зелено финансирање