Состојбата со пожарите низ Македонија е алармантна и загрижувачка. Изгорени се над 130 километри квадратни, активни се уште многу пожари и зафатена е огромна површина од над 20.000 хектари. Владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со огнената стихија. Граѓаните од терен посочуваат дека пожарникарите навреме делуваат и силно се борат со огинот, но во исто време забележуваат на спора реакција на воздухопловите и доцнење со часови, изјави денеска Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Таа рече дека лошата координација со воздухопловите и нивното доцнење со часови се посочува како најслаба алка во делот на справувањето со пожарите во изминатите денови.
-Го нема ниту најавеното засилено присуство на полицијата на теренот како дел од превентивните мерки. Повеќе од 10 дена гори пожарот во Македонски Брод, селата Тажево и Брезница се под закана. Информациите од терен потврдуваат дека пожарникари има постојано но нема соодветна воздушна поддршка. Постојат индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен? Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи. Бараме итно Мицкоски да го смени Тошковски и да се назначи нов одговорен за координација на системот за управување со кризи, рече Кузеска.
Таа додаде дека само директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов е постојано на терен и очигледно е дека дава се од себе.
-Но, Тошковски и Мицкоски зошто ги нема? Мицкоски мора да разбере колкава одговорност носи и мора да преземе нешто а не да спие, да се појави на терен, да ја подобри координацијата на воздухопловите и ефикасноста на институциите, побрзо да реагираат, вели Кузеска.