Екс војникот на ОВК, Блерим Рамадани избегал од куќен притвор

Екс војникот на ОВК, Блерим Рамадани денеска избегал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија, пишува СДК.МК.

По жалба на Обвинителството, како што дознава порталот, денеска тројца судии од кривичен совет му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Како што велат, некој од Кривичниот суд му дојавил на Рамадани дека ќе се враќа во Шутка, па тој истиот момент го искористил за да избега од Македонија.

-Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, потврдија од МВР за МИА.

Рамадани беше уапсен на 17 јули 2024 на граничниот премин Јажинце, по потерница од Србија поради сомнежи за злосторства во војната на Косово пред 25 години, и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидува тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

Неодамна, Министерството за надворешни работи на Косово соопшти дека советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучил да не го екстрадира косовскиот државјанин Блерим Рамадани, кој минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Јажинце врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, поради сомненија дека извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

Според информациите на косовскот МНР, Рамадани ќе го продолжи престојот во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на врховниот суд.

Претходна вестПочнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Георгиев призна дека земал 10.000 евра за да ја ублажи затворската казна на Боро Марлборо од СДС