Црвениот крст на Град Скопје денеска промовираше 4 санитетски возила со чија помош ќе им се помага на болни, возрасни и изнемоштени лица да бидат транспортирани до клиниките и амбулантите, во случаите кога нема да има никој друг да ги транспортира. Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека со Црвениот крст планиран е и проектот „итно копче“ кој ќе функционира 24 часа, секој ден.
-Се работи за промоција на четири возила што ќе бидат подготвени во секој момент да помагаат на луѓе кои се болни, возрасни, изнемоштени, со посебни потреби, кои не можат да ангажираат некого од семејството или некој близок, да ги однесе да завршат одредени работи, појасни министерот, најавувајќи го и проектот „Итно копче“, планиран да функционира 24/7 за сите овие пациенти.
Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје, појасни дека проектот се спроведува веќе три години во главниот град на државава, од денеска партнер станува и Министерството за здравство, а се разгледува можноста и да се прошири во други градови.
– Ние 24/7 сме достапни на телефонот 15-300 и граѓаните може тука да си го закажуваат транспортот, точно да си знаат во кое време нашите тимови доаѓаат, го земаат пациентот, го носат, го враќаат. Во моментов, е само во Скопје. Ако се покаже како голема потреба и во другите поголеми градови, сме во процедура на промоција, во локалните самоуправи. Во моментов, освен тоа што од денеска веќе и Министерството за здравство станува наш партнер, досега го работевме и го работиме тоа, со поддршка на локални самоуправи, додаде Тунева Пауновска.