Отворени „Струшките вечери на поезијата“, најголем промотор на македонската и на современата светска поезија

„Струшките вечери на поезијата“ благодарение на ентузијазмот и креативноста на генерациите македонски поети, но и на присуството на најголемите светски автори, се етаблираше како најголем промотор на македонската и на современата светска поезија, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, синоќа на свеченото отворање на 63. издание на овој фестивал.

Тој рече дека „Струшките поетски вечери“ сведочат за културните вредности што се создаваат на македонските простори и на светските меридијани, тие се динамична и жива антологија на светската поезиј.

-Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, Струшките вечери на поезијата ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме, истакна министерот за култура и туризам во своето обраќање пред присутните.

Изразувајќи задоволство што оваа година на плејадата поети добитници на престижното признание лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ ѝ се придружува и добитникот на Златниот венец на поезијата за 2024 година, големиот Жан-Пјер Симеон, министерот Љутков потенцира дека за нас е голема чест што тој е вечерва со нас и што Струга и Македонија ќе бидат негов поттик и инспирација за многу нови стихови, како слики и пејзажи од ова големо срце на Балканот.

Во рамките на церемонијата на свеченото отворање, во големата сала на Центарот за култура во Струга настапи нашиот познат пијанист Дино Имери, а истакнатиот поет Веле Смилевски прочита поетска порака. На традиционалното поетско читање „Меридијани“ свои стихови прочитаа: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург Жан-Пјер Симеон; добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевна теоретичарка Катица Ќулавкова; добитничката на наградата „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, и други странски и домашни поети.

Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“, со кое, меѓу другото, се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите, преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо, преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.

Претходна вестИскопан е вториот најголем дијамант во светот, има 2.492 карати
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: До кога СДС ќе го штити Пајазити и ќе прикрива дека од затвор им избегаа притворените за убиството кај „Мавровка“?