Фондацијата „Бугарска меморија“ обезбеди уште една голема донација за потребите на граѓаните на општина Пустец, модуларна болница за брза помош опремена со целиот неопходен мебел и опрема, клупи за селата од регионот, копир апарати и принтери за потребите на администрацијата на општината, објави албанската државна агенција АТА.
Во присуство на претседател Милен Врабевски и претставници на фондацијата, како и амбасадорот на Бугарија, Ивајло Киров, примопредавањето на донацијата било во селото Голобочани, каде ќе биде поставена модуларната болница.
– Модуларната болница ќе обезбеди соодветни услови за прегледи и добивање соодветна терапија, поради кои жителите на селото во моментов се принудени да патуваат до Пустец или Долна Горица. Со тоа ќе се овозможи и присуство на медицински персонал во Глобочани. Донираните клупи ќе бидат поставени во центрите на селата во општината, наведува агенцијата.
Апаратите за копирање и печатење ќе се користат во реновираната зграда на општина Пустец и се продолжение на донацијата на „Бугарска меморија“ направена во текот на април годинава.
Тогаш беа донирани мебел и компјутерска опрема за потребите на општинската администрација, односно вкупно 25 компјутери, 25 монитори, 44 канцелариски маси, столчиња и друго.
– Да, денеска добивме нова донација од споменатата фондација. Ние сме мала, сиромашна општина. Секоја донација е добредојдена, доколку нема никаква политичка или друга заднина, рече кусо за МИА, градоначалникот Пали Колефски.