Превентивната здравствена заштита на децата е во хаотична состојба, пишува на Фејсбук епидемиологот Драган Даниловски, кој алармира дека сме соочени со постојан ризик да дојде до избувнување на морбили, ковид, а пред нас е сезоната на грипот. Во исто време, пишува тој, опфатот со задолжителни вакцинации на децата е опасно низок, а превентивно-медицинскиот сегмент на здравството е на последно место.
-Во услови кога се соочуваме со постојан ризик да дојде до избувнување на морбили, кога пертусисот ендемски варира, кога ковидот дојде за да остане, кога пред нас е сезоната на грипот, кога неповолните климатски промени сѐ повеќе го зголемуваат ризикот од вектор-преносливи болести (денга, зика, хеморагични трески, маларија, лајмска болест и други)… и кога, истовремено, опфатот со задолжителни вакцинации на децата и други ризични популации останува опасно низок (со тенденција на опаѓање), затоа што расположението на населението кон вакцините е на најниско можно ниво – и сѐ повеќе се влошува, не може да не се констатира дека од јавно-здравствен аспект, седиме на „буре барут“!, напиша Даниловски.
Тој смета дека превентивната здравствена заштита на децата е во хаотична состојба.
-Негативното расположение и недовербата кон вакцините е на многу ниско ниво и (дури) покажува тенденција на влошување, особено по пандемијата. Заради тоа, опфатот со задолжителни вакцинации постојано се намалува, што доведува до потенцијални ризици за епидемиско ширење на одделни болести. Оттаму, се поставува прашање, зошто за решавање на проблемот не му пристапиме проактивно, со сопствени сили, наместо пасивно, потпирајќи се на стручната и финансиската помош на УНИЦЕФ, СЗО и УСАИД? Зошто проактивниот пристап е поквалитетно решение? Затоа што, проектите на спомнатите меѓународни агенции никогаш нема да бидат во состојба целосно да ги идентификуваат сите релевантни фактори асоцирани со лошата состојба, укажува Даниловски.
Тој смета дека меѓу нив, најрелевантниот е „вакциналниот скептицизам“ на огромното мнозинство доктори (матичните, пред сѐ)!
-А кои, нели, имаат мисија здравствено да ги едуцираат граѓаните. Како еден родител да одлучи да го вакцинира своето дете, ако се соочи со совет „во четири очи“ на својот доктор, на пример, за морбилите, дека е „подобро да почека додека детето да проговори“? Нема проект на УНИЦЕФ или СЗО што тогаш би можел да го смени ставот на родителот! Значи, токму главните „играчи“ за спроведување на мерките, всушност, вршат „тивка саботажа“, се вели меѓу другото во објавата на Даниловски.