Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека „во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше и се виткаше кичма“.
-Сега се решаваат работите на овој начин преку дипломатија и се испраќаат протестни ноти. Нема повеќе да имаме дипломатска политика со свиткана кичма – кога ќе се премине црвената линија, треба да се и реагира. Ако не реагирате исклучокот ќе стане пракса, рече премиерот, одговарајќи на новинарски прашања околу непоставувањето на македонското знаме на средбата меѓу македонската претседателка и нејзиниот бугарски колега во Софија.
За Мицкоски е поважно што, како што вели, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, кои се вистинските намери на водството во Софија.
-Не се намерите Бугари во Устав, тоа е најмал проблем. Многу поголема е потребата да покажат мускули и да ги покажат вистинските намери. Ние секогаш сме подготвени да возвратиме со добрина на добрососедските односи…Оттаму денеска ќе биде врачен демаршот на амбасадорот на нашиот источен сосед, кажа премиерот пред средбата со Македонско-Германското стопанско здружение.
-Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано – во интерес на почитта кон загубените животи на пилотите кои што тој ден загинаа во Бугарија и не сакавме да создаваме тензија. Порано се молчеше и не ни пречеше и тоа беше европска вредноста, а сега зошто реагираме? Затоа ќе реагираме, можеби и секогаш кога ќе биде помината црвената линија. Немаме намера да ја виткаме кичмата на македонското општество, рече Мицкоски запрашан од новинарите зошто двајцата министри Љутков и Муцунски, заедно со претседателката Сиљановска Давкова не реагирале поради пропустот.
За тоа кога ќе продолжат разговорите со бугарските историчари Мицкоски очекува во духот на пријателството и добрососедството објективно да се преговара и да се договара.
-Тоа се процеси кои траат со децении, имаме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуки можат да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух, членовите на комисиите од двете страни да разговарааат, истакна премиерот Мицкоски.