Владата реши да се раскине договорот за закуп на административно – деловен простор што Државната лотарија го склучи со фирмата „Хеј“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово, изнајмен за потребите на Државна лотарија.
– Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија. Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години, соопшти вчера Владата.
Зградата има четири ката и поткровје, се наоѓа на 7 километри од центарот на Скопје и од актуелното седиште на Државна Лотарија. Фирмата „Хеј“ најпрво го купила земјиштето и објектот, а набрзо потоа склучила договор за закуп со Лотарија за 2,6 милиони евра, месечна кирија од речиси 22.000 евра за период од 10 години.
Финансиската полиција веќе отвори предистрага и ја одзела документација од Лотаријата за да истражи дали има нерегуларности.
Со фирмата „Хеј“ се поврзуваат повеќе функционери и блиски роднини на политичари од ДУИ. Во моментот, сопственик на фирмата е Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко петрол и син на Исмаил Јахоски, актуелен пратеник во Собранието. Тој станал сопственик на „Хеј“ лани на 17 октомври, а зделката е регистрирана во Централниот регистар десетина денови подоцна. Претходниот сопственик Армин Машовиќ станал управител на „Хеј“, фирмата која е формирана на 2 февруари 2023 година, а набрзо потоа склучува милионски договор со Лотарија. Машовиќ за неколку месеци ја формирал „Хеј“ ДООЕЛ, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со Државна лотарија за закуп на истите за сума од над 2,6 милиони евра.