Викендов, на 28 и 29 септември 2024 година свечено ќе биде одбележан 100-годишниот јубилеј на храмот „Света Петка“ во Црниче.
Како што информира Скопската православна епархија – МПЦ-ОА, свеченоста ќе почне утре со вечерна богослужба со почеток во 17:30 часот.
Средишната прослава, пак, Божествената литургија ќе биде прославена в недела, со почеток во 9:00 часот.
Црквата „Света Петка“ е градена според традиционалниот византиски тип – триконхос од развиен тип, со централна купола и купола над нартексот. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година црквата била оштетена. При поправките од јужната и од северната страна таа е проширена со параклис, посветен на светите цареви и рамноапостоли Константин и Елена, а по извесно време од северната страна е дограден параклис, посветен на Света великомаченичка Недела. Независно од црквата е подигната четирикатна осумаголна камбанарија. Внатрешното декорирање на храмот, односно живописот и иконописот му биле доверени на последниот и најдобар зограф на тоа време, Димитар Папрадишки. Иконостасот е дрвен, со сликана рудиментирана флорална декорација, во централниот дел поставен праволиниски, а од северната и од јужната страна скршнува и ја следи архитектурата на градбата.