Општина Гази Баба започна со реализација на нова мерка за граѓаните, а тоа е субвенционирање за стерилизација на домашни миленици. Јавниот повик со условите е објавен на веб страната на општина Гази Баба.
Од општината информираат дека граѓаните ќе имаат можност да аплицираат и да добијат субвенција за стерилизацијата на домашните миленици во висина од 100 отсто, но не повеќе од 6.000 денари.
За новата мерка, информираше градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во своја објава на социјалните мрежи во која напиша:
-Со задоволство сакам да објавам една нова мерка, а тоа е субвенционирање на граѓаните за стерилизација на домашни миленици. Ова е уште една мерка која ја реализираме како одговорна локална самоуправа во насока на системско решавање на проблемот со бездомните миленици на долг рок. Придобивките од стерилизацијата на милениците се многубројни и подеднакво важни како за здравјето на миленикот така и за околината. Стерилизацијата е најдобро решение за контрола и намалување на популацијата на бездомни миленици, а истовремено се намалува и нивната агресивност, заклучи Стефковски.