Истражување: Загаден воздух дишат и децата во градинките и учениците во училиштата

Воздухот во затворени простории како училишта и градинки е позагаден отколку надворешниот во топлите месеци, во зимските пак, нема разлика, покажа проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање , како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

– Кога во текот на летото имаме повисоки концентрации внатре од надворешниот воздух. Во просек ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација скоро за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки, коишто би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и наставниците, изјави денеска проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што е изработена студијата.

Тој додава дека генерално ние дишеме загаден воздух и внатре и надвор, со тоа што поголем проблем ни е воздухот во затворено, затоа што подолго време, особено во зимските месеци поминуваме внатре.

Истражување за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини (Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци) покажало дека сличен е проблемот како и со амбиентниот воздух бидејќи е надминат дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички, но другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници. За разлика од надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности  за справување со проблемот. Истражувањето е дел од проектот за справување со загадувањето на воздухот во наведените пет општини, имплементиран од УНДП и со финансиска поддршка од Шведска.

Мираковски рече дека во текот на зимата има помали концентрации внатре, но во текот на летото концентрациите на штетни честички се повисоки внатре отколку во  надворешниот воздух.

Според амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, наодите од истражувањето ќе им помогнат на петте града во справување со проблемот.

– Сметаме дека секој чекор на овој пат го гради движечкиот моментум кон постигнување на промени. Благодарни сме на општините Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга за кофинансирање на овие планирани инвестиции со вкупна сума од речиси еден милион евра, изјави амбасадорката на Шведска.

Григорјан нагласи дека загадувањето на воздухот влијае на здравјето и на продуктивноста на работното место.

– Досега нашата иницијатива се одвиваше во шест општини каде што се испитуваше квалитетот на внатрешниот и надворешниот воздух и отворени сме за соработка со други општини и со други државни органи на централно ниво, додаде претставникот на УНДП.

Министерот за здравство Арбен Таравари во однос на справувањето со загадувањето во државава посочи дека на Влада поминал проект на Министерството кој треба да профункционира до крајот на идната.

-Се работи за 10 болници каде што ќе се замени стандарното греење со мазут и со нафта и ќе бидат вклучени начини на греење во коишто нема загадување на воздухот. Владата партиципира, меѓутоа имаме донации и од невладини организации. Јас се надевам дека овој проект доста ќе помогне, рече Таравари.

Претходна вестКампања на РСБСП „Користи зимска опрема“
Следна вестУапсени малолетник и тинејџер, среде ден се шетале со оружје низ скопски Карпош