Струјата ќе поскапи најмногу до три отсто

Ако има покачување на цената на струјата тоа ќе биде незначително, во рамките од еден до три проценти. Ова денеска го соопшти македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој претходно рече дека струјата ќе поскапи од 1 јануари. Според Мицкоски цената по која ЕСМ ќе ја испорачува струјата кон ЕВН хоум, ќе биде меѓу 58 и 62 евра за мегават час, која е во рамките на 60 евра по која ја испрачува до сега.

-Не очекувам да има зголемување на цената на струјата од 10-15 отсто, како што е случај во повеќе земји од регионот и во Европа. Очекувам, ако има, да биде незначително, во рамките од еден до три проценти. Не очекувам да биде повеќе од тоа“, изјави денес премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашња на новинарите на прес конференција по потпишување на договорот за државна помош со компанијата „Бреинчајлд“.

Мицкоски за состојбата во која се наоѓа компанијата ЕСМ која што е во државна сопственост, ја обвини поранешната владејачка гарнитура, која, според него, седум години ја ограбувала ЕСМ.

-Ние во овие 4,5–5 месеци направивме чудо за да ја консолидираме компанијата, за да не дојде до зголемување или ако биде, тоа да биде во рамките на два – три проценти, да биде тоа незначително и тоа да е реткост за регионот. Тоа е навистина успех, рече премиерот додавајќи дека компанијата во 2017 година имала 1,5 милијарди денари депозити во банки и некаде околу 360-380 милиони на сметка и без долгови.

Тој посочии дека компанијата е консолидирана, на депонија има околу 200-250 илјади тони јаглен, како и околу половина милион тони јаглен кој што се договорени по цена која што наместо 63 е 43 евра по тон. Исто така, има откриено и залихи од 1,5 милиони тони, а исто така е договорена и цена на гас која што наместо берза плус 11 евра е берза плус четири евра, а од јануари се очекува и тоа да поевтини.

На прашањето дали цената на струјата на ЕСМ и натаму ќе се одржува вештачки под производната цена за мегаватчас, со оглед на тоа што е повисока, а сега е 60 евра, Мицкоски рече дека ЕСМ има приходи од електричната енергија која што ја дава на ЕВН хоум, како и од системски услуги односно терциената енергија која што ја дава на МЕПСО и плус од загубите кои што ги продава и на МЕПСО и на дистрибутерот.

Претходна вестКавгите околу дневниот ред ја прекинаа комисиската седница за директорот на АНБ, Бојан Христовски
Следна вестХајрулахи: Државниот обвинител ме суспендира зашто не донесовме нарачана одлука