Предлог Буџетот за 2025 година е пред сè нереален, неразвоен и недомаќински. Скроен за да ги задоволи предизборните активности, Буџетот за 2025 ќе биде генератор на нови долгови и најавува изгубена година за економијата и за граѓаните, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес конференција по повод клучните фискални политики што Владата ги предвидува во Буџетот за 2025 година.
Филипче укажа на предвидениот раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година кој нема да може да го оствари. Тој предупреди и за незаконското задолжување над законски дозволените лимити, бидејќи Владата проектира буџетски дефицит од 4 отсто од БДП што е директно во спротивност на Законот за буџетите каде јасно стои дека дефицитот не смее да надмине 3 проценти од номиналниот БДП.
-Сите овие податоци укажуваат дека долгот ќе расте, што ја потврдува нашата грижа дека ова Влада е влада која планира да ги задолжи граѓаните за следните три поколенија. Политиката на нови задолжувања со ваков буџет е веќе загарантирана, а растот и продуктивноста според овој буџет ќе бидат на минимум, оцени Филипче.
Со буџетот, рече тој, се предвидуваат зголемувања на непродуктивните трошоците за ставките како стоки и услуги, договорните услуги и трансферите.
Филипче рече дека Владата предвидува 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловните банки при што, како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, Владата се согласила граѓаните да ја плаќаат разликата во каматата и банкарските трошоци на кредитите кои банките ќе им ги одобрат на компаниите.
-Мицкоски треба да каже, зошто се создава ризик од двојно плаќање камата и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините? Второ, зошто со парите на граѓаните ќе ги враќа и плаќа два пати каматите за кредити? Тие кредити нема да се потрошат за потребите на граѓаните и за подобрување на нивниот квалитет на живот, нагласи претседателот на СДСМ на прес конференцијата.
Филипче соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да гласа за ваков буџет.
-Како одговорна опозиција поднесовме повеќе од 200 амандмани, информираше тој и рече дека СДСМ со нив нуди конкретни решенија за подобрување на клучните фискални политики.