Пензионираниот американски генерал Весли Кларк, кој ја водеше воздушната кампања на НАТО против српските воени цели во 1999 година, синоќа ја прими плакетата за „Почесен граѓанин“ на скопската општина Чаир. Тој ја посети оваа скопска општина и ја прими плакетата која му беше врачена од градоначалникот Висар Ганиу.
-Во преполна сала полна со емоции, каде секој агол беше исполнет со благодарност и почит, денеска имав чест и привилегија да му ја врачам титулата „Почесен граѓанин“ на општина Чаир на големиот пријател од регионот, генералот Весли Кларк. . Свеченоста што се одржа во Албанскиот театар беше незаборавна манифестација на која присуствуваа многу почесни гости, меѓу кои и првиот вицепремиер Изет Меџити, министри, амбасадори, градоначалници, пратеници и претставници на институции. Атмосферата во салата беше наполнета со емоции, бидејќи сите беа присутни да му оддадат почит на една извонредна личност која одигра голема улога во историјата на нашиот регион, објави чаирскиот градоначалник Висар Ганиу на социјалните мрежи.
Градоначалникот го пофали, како што вели, извонредниот придонес на генералот Кларк, кој имаше големо влијание во одржувањето на мирот и стабилноста на Балканот, поточно со придонесот за време на војната во Косово.
Кларк во своето обраќање ја изрази својата радост што во Скопје гледа мир, просперитет и ентузијазам.
-Денеска е голема привилегија за мене и мојот син, кој е тука. Задоволство е да се биде овде во Скопје, да се види мир, просперитет и да се почувствува ентузијазам, за да се надеваме, да веруваме во иднината, рече Кларк.
Во 1997 година Весли Кларк беше назначен за врховен командант на Обединетите сили на НАТО за Европа, а на 23 март 1999 година од генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана ја доби наредбата за почеток на воена реакција за геноцидот во Косово од поранешна Југославија. Одлуката за бомбардирање на тогашната Сојузна Република Југославија беше донесена, првпат во историјата, без одобрение на Советот за безбедност на ОН.