Најавен на социјална мрежа Тикток бил денешниот напад на Раде Трајковски Штекли во скопската населба Керамидница. Тоа се случило на крајот на септември.
-Скопје, Керамидница карши Ист Гејт! Стиже катаклизма, љуби те брат“, стои во видеото објавено на Тикток.
Од полицијата претходно информираа дека пријавата за експлозијата ја добиле во 09:20 часот.
– Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Ова е трет обид за убиство кон Раде Трајковски – Штекли. Минатата година, во период од два месеци Штекли беше мета на напади во трговскиот центар Ист Гејт.
Настанот денеска го коментираше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој порача дека јасно и одлучно ќе се борат против криминалот и против организираниот криминал.
– Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани. Убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа. Ова е доказ дека бандите си хараат и денеска, рече министерот.
Во однос на прашањето дали можело да им се влезе во трага на напаѓачите, имајќи предвид дека нападот бил најавен на социјалната мрежа Тикток, министерот одговори дека ќе постапат во рамките на капацитетите што ги имаат.
– МВР не може да направи чуда, но може да работи чесно, посветено и професионално и во рамки на сето она што е надлежност на министерството, согласно капацитетите што ги имаме, ќе постапиме. Нема да се мижи како што се мижело претходно, рече тој.