СДСМ избра нов Централен одбор и Фани Каранфилова Пановска за заменичка – претседател

Избор на 113 членови на Централниот одбор (ЦО), но и заменичка-претседател Фани Каранфилова Пановска, изврши на вчерашниот конгрес СДСМ. Каранфилова Пановска е граѓанска активистка и поранешна претседателка на фондацијата Отворено општество и доаѓа на местото на Соња Лукаревска.

Новиот Централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани, беше кажано вчера. ЦО ќе избере и нов Извршен одбор (ИО), по што ќе следува и избор на потпретседатели, генерален секретар и двајца организациски секретари.

Пред почетокот на Конгресот, Филипче кажа дека е праведно сите да прифатат дека се виновни за поразот на минатите избори.

-Денешниот Конгрес е пресвртница во опозициското дејствување на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. Нов почеток, нова борба, нова надеж дека можеме да ја вратиме партијата таму каде и е местото, на победнички патеки. СДСМ да продолжи да ја гради иднината на нашата Татковина. Како човек, лекар, но и како политичар секогаш сакам да сум искрен. Јас немам волшебно решение со кое СДСМ преку ноќ може да стане владејачка партија. И ќе биде многу тешко. Не чека макотрпна работа! Поминаа пет месеци откако бев избран за Претседател на СДСМ. Имав прилика да се уверам дека да се води оваа државотворна партија е потешко и од најсложените неврохируршки операции. Се сретнав со стотици луѓе. Членови, поранешни функционери, општествено активни луѓе, меѓу кои и лица кои никогаш претходно не стапнале во политичка партија. Внимателно слушав секој од нив, педантно ги забележав сите нивни аргументи, забелешки, критики, рече Филипче.

Порача дека „со многу критики се согласувам и советите на сите добронамерни луѓе ќе бидат водилка за новото раководство. Но, никогаш нема да прифатам и да подлегнам на оние кои потајно сакаат СДСМ да не го биде, кои шират дефетизам и го парализираат опозициското делување. СДСМ нема да се откаже, тоа треба на сите да им биде јасно. Напротив, СДСМ ќе го биде и СДСМ ќе се врати посилен“.

-Оваа партија не е ничија лична сопственост. Ниту на Бранко, ниту на Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја! Секој од нив низ годините ја носеше тежината на времето и одлуките, но и гордоста на партијата. Затоа СДСМ не смее и нема никого да заборави. Како лидер секогаш ќе подадам рака, ќе отворам врата за сите кои и мислат искрено добро на партијата. Ќе соработувам со сите за да се спротивставиме на лошите политики на власта. Социјалдемократскиот сојуз е пред сè партија на сите граѓани, на искрените и добронамерни членови и симпатизери кои секогаш се вложуваат без да го условуваат својот ангажман со функции или лична корист. Затоа, за СДСМ нема друга алтернатива освен да ги помине и овие опозициски премрежија, да се издигне и да се врати уште посилен, рече Филипче.

Вели „јас не сум политички наивец, да не знам на што сум се нафатил. Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз. Пораз кој ја клекна партијата на колена. Но, поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток. Шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме. За поразот не треба да ја шминкаме реалноста ниту да си префрламе одговорност секој на секого“.

-Сметам дека е праведно конечно сите да прифатиме дека од различен агол, сите сме виновни. Точно е, некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните. Причините за оваа лоша состојба се повеќеслојни. Заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО Алијансата, напорите за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, нашите Влади ја занемарија ефикасноста во обезбедување на сервисните функции на државниот апарат. Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања – тие чекаат дела, дециден е Филипче.

Смета дека „не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел програмата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните. Истовремено, дозволивме едно од најчувствителните историски прашања за македонскиот народ, спорот со Бугарија, да ги преклопи и сите добри работи и реформи што ги направивме. А направивме многу за нашите граѓани, за стопанството, за економијата, за пензионерите, за социјалните категории, за јавното здравство“.

Не смета дека „стратешки погрешивме. Се вложивме 100 проценти, не калкулиравме, не бевме популисти, направивме тешки жртви. Двајцата мои претходници, Заев и Ковачевски ја жртвуваа својата политичка кариера за денес да сме членка на НАТО и да имаме започнато преговори со Европска унија“.

-Не смееме да го занемариме впечатокот на јавноста дека бевме сервилни кон коалициските партнери. Тие ја злоупотребија нашата широчина, демократски капацитет за владеење и посветеноста за искрена инклузивност во работењето на сите нивоа во Владата. Од ова искуство треба да извлечеме една силна важна поука. Никогаш повеќе СДСМ не смее да биде во подредена положба или на штета на сопствениот рејтинг да ги одржува политичките коалициите. Исто така, не се справивме до крај со криминалот и корупцијата на нашите претходници. За жал, и некои функционери и во нашите Влади со задоволство прифатија многу лоши навики кои режимот ни ги остави во наследство. Затоа, токму во овој контекст ја користам приликата да испратам јасна порака. Сите случаи на корупција и прекршување на законите да бидат третирани од страна на надлежните државни институции, во објективна, непристрасна и независна постапка. Но барам, беспоговорно да се почитува начелото на пресумпција на невиност, а секој криминал кој ќе биде докажан во фер и праведна постапка, да биде санкциониран. Никој не е недопирлив! Тоа важи и за нас, но да бидат сигурни овие од власта што се закануваат, дека ќе важи и за сите сегашни функционери на владејачката коалиција, порача Филипче пред партиските колеги.

Рече дека „СДСМ е особено горд што Радмила Шекеринска ја доби честа да биде првата дама од Балканот која ќе ја извршува должноста втор човек на НАТО. Радмила е симбол на интелигенцијата, политичката мудрост и визионерството кое го краси СДСМ од неговото основање. Нејзиното именување за Заменик Генерален Секретар на НАТО е уште една потврда дека СДСМ е секогаш на вистинската страна на историјата, носејќи го товарот на најважните историски одлуки за иднината на Македонија. Ова е и потврда за македонскиот национален идентитет кој само ќе јакне и ќе се етаблира во светски рамки“.

Вели дека „Новото раководство на СДСМ ќе биде исправено пред голема одговорност – да ги разобличи лагите, популизмот и опасните политики на актуелната власт. Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што ги изневери очекувањата на граѓаните, туку и ја турка Македонија во нова ера на режимско владеење.

-Добиваме режим во ново руво, порача тој.

Претходна вестБез струја делови од Аеродром и Гази Баба
Следна вестУчество на министерот Муцунски на конференцијата „Медитерански дијалог“ во Рим