Полициски час од 22 часот па до 05 часот изутрина следниот ден што го предлага Комисијата за заразни болести или поинаков режим на заштита од ширењето на корона вирусот, се опции за кои денеска ќе се изјасни Владата. Комисијата вчера како што пренесоа медиумите предложи ограничувањето да важи за неколку општини – Скопје, Штип, Тетово, Куманово и неколку околни општини кои што се актуелни жаришта на корона ворусот. Порастот на бројот на заболените е загрижувачки и тој во последниве денови константно се движи меѓу 100 и 200 новозаразени лица.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека охрабрува тоа што околу 65 проценти од заболените во најголемото жариште – Скопје – се поврзани со познати случаи, а од нив 90 проценти се од 41 познат кластер во градот. Но, тој изрази стравување од ново зголемување на заболените како резултат на непочитувањето на превентивните мерки.
-Непочитувањето на мерките за заштита е главна причина за заразувањата. Сега, една свадба со стотина гости, која се одржала во домашни услови на крајот на мај, би можело да биде причина за потенцијален нов кластер на поголем број заразени со коронавирусот во земјата. Сега тука имаме за жал, позитивни, заразени. Овие денови интензивно ќе се прават анкетите на гостите, потенцира Филипче.