Со тешки повреди се здобил 74-годишниот пешак откако вчера пртпладне бил удрен на улицата „Методија Шаторов – Шарло“ во скопската населба Аеродром. Полицијата соопшти дека патничко возило „Тојота јарис“, со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Н.(49) од Скопје, удрило во пешакот Л.С.А.(74) од Скопје.
-Во незгодата Л. С.А. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде била пренесена за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа екипа од СВР Скопје, соопшти полицијата.
Ова е веќе трета сообраќајна несреќа во последните неколку месеци во која страда пешак на оваа прометна сообраќајница. Кон крајот на април со тешки повреди се здобил 79 – годишниот М.Ш. во кого удрило возилото на крстосницата од оваа и улицата „Милан Зечар“. Со ова само се надополни црниот биланс од минатиот декември кога на истата улица загина 74-годишна скопјанка која се движела како пешак и во неа удрило возило.
„Скопско ехо“ веќе предупреди дека оваа сообраќајница која е главна артерија во новоизградената населба со висококатници станува се поопасна. Несреќите повлекоа бројни реакции на граѓаните кои живеат во околните згради. Тие реагираат дека улицата е небезбедна за движење, затоа што нема никаква сообраќајна сигнализација, а често по неа се вози брзо, иако е тесна улица на која има и контејнери поставено.
И денеска „Скопско ехо“ ја актуелизира потребата од подобрувањето на безбедноста на оваа улица со изградба на кружен тек на местото на нефункционалната и преоптеретена крстосница.