„Измама“ и „Перење пари“ се основа на обвинението во судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ кое денеска во 10 часот треба да започне во скопскиот Кривичен суд. Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение пет лица и тоа: Бојан Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, пратеничката Фросина Ременски која е обвинета за помагање во измамата и перење пари. Миле Јовановски се гони и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје откако кај него биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли.
–Во периодот од 08.07.2017 година до 13.04.2018 година првообвинетиот (Бојан Јовановски) како претседател на посочената невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица – управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност, се наведува во обвинението.
За останати обвинети се наведува дека со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата. Две обвинети лица му ставиле средства на располагање – ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на првообвинетиот и со умисла му помагале да ги пушти во оптек иако знаеле дека потекнуваат од кривично дело.
–Второобвинетата Јасна Мандиќ откако првообвинетиот ќе и дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Третообвинетата Фросина Ременски со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите, стои во Обвинението.
Обвинителството го сомничи Миле Јовановски дека тој знаел од каде потекнуваат парите и со умисла му помогнал на неговиот син Бојан Јовановски да ги пушти во оптек, со што ги уплаќал парите на своја девизна сметка, а дел од нив ги уплаќал на правните лица како позајмица.
Ова е второ обвинение, откако првично на 15-ти јули минатата година, Бојан Јовановски заедно со Зоран Милевски – Кичеец беа лишени од слобода поради отворена истрага против, за што веќе има и првостепена пресуда од казна затвор во времетраење од 9 години во Бојан Јовановски, 7 години за Катица Јанева и 3 години за Зоран Милевски – Кичеец.
Боки-13 неодамна беше осуден на девет години затвор во случајот „Рекет“ при што на крајот од судењето изјави дека парите кои биле земени од бизнисменот Орце Камчев „треба да се бараат кај Вице и Зоран Заев“. Тој пред недела дена на сопствено барање во скопското јавно обвинителство за да поднесе десетина кривични пријави против актуелни функционери од извршната власт, но и високи партиски функционери и безнисмени. Со овие пријави се опфатени неколку политичари и бизнисмени за повеќе кривичи дела како противзаконито посредување, изнуда, давање лажен исказ, измама, тортура…
Неговиот бранител Сашо Дуковски изјави дека кривичните пријави се многу поврзани со предметите “Рекет” и “Меѓународен сојуз“.
Останува да се види дали овој пат Боки 13 ќе прозбори на почетокот на судењето, а не на крајот.