Наскоро и дванаесет илјади стечајци, пензионери со пензијата до 15.000 денари, самохрани родители и неврабоени кои не се активни баратели на работа ќе добијат платежни картички вредни по 9.000 денари. Ова го најави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Со ова бројот на граѓани на Македонија кои ќе добијат ваков вид помош од државен буџет значително ќе се зголеми. Колку милиони евра ќе се одвојат за оваа намена од буџетот Спасовски не соопшти, но јасно е дека во прашање многу пари.
Досега, од почетокот на месецов платежни картички почнаа да добиваат околу 320.000 граѓани, вработени со низок личен доход, млади и здравствени работници. За тоа, односно за купување на домашни производи, државата за овие групи граѓани веќе издвои 28 милиони евра како економска помош на граѓаните но и на стопанството.
Очигледно, власта продолжува да се расфрла со ветувања за делење парична помош во време на корона кризата, но и предизборието. Тие веќе тежат десетици и десетици милиони евра за кои е прашањето од каде се обезбедуваат.
Од изјавите на министерката за финансии Нина Ангеловска дадени деновиве произлегува дека овој вид помош до граѓаните најмногу се обезбедува благодарение на заемот од 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд, на помошта од ЕУ и други извори. Поедноставно кажано, благодарение на задолжувањето кое извесно ќе продолжи и ќе треба да кулминира со издавањето на евро-обврзницата од 800 милиона евра. Со почетокот на корона-кризата беше најавено дека најмалку 1,75 милијарди евра ќе тежело задолжувањето кое што во овој период ќе го направи Македонија за ублажување на последиците од кризата.
Ако знаеме дека на крајот од минатата година јавниот долг изнесуваше 5,54 милијарди евра тогаш најпроста математика покажува дека не е така далеку кога тој долг ќе изнесува најмалку 7,3 милијарди евра. Односно, ако во јануари секој граѓанин, во просек, должел по околу 2.660 евра набргу тој долг на секој жител ќе се искачи на цели 3.500 евра.
Значи, вистинско време е да се постави прашањето дали ваквото издавање на платежни картички на граѓаните е резултат на задолжувањата или штедењата од други ставки во домашниот буџет? Од Владата не слушнавме каде ќе крати на сопственото трошење, на непродуктивни и непотребни трошоци какви што беа набавките на сортно вино, виски, шампањ, дали ќе запре со давање на државни пари на невладини организации на свои функционери…, таму се одлеваа големи пари.
Помош треба да се дава, но не со задолжување кое ќе ги јавне дури и нашите внуци. Владата нека штеди, па нека дели.