Тетовец од с. Џепчиште пукал на семејна веселба и бил приведен, а пиштолот му бил одземен – оваа вест објавена во неделата, ги зовре социјалните мрежи. Пукачот бил приведен во полициска станица откако службениците слушнале истрели и излегле на терен.
-Констатирале дека во куќа, во сопственост на Е.Е.(48) од Џепиште, при семејна веселба, Џ.И.(62) од село Октиси испукал неколку куршуми од пиштол „Застава М-57“ кал. 7,62мм, за кој што поседувал дозвола. Џ.И. бил приведен во Полициска станица Дебар за понатамошна постапка, а пиштолот му бил одземен, објаснуваат од МВР.
Дотука информацијата е во ред. Дури и да се има дозвола забрането е да се пука на приватни веселби и забави. Но, она што ја разгневи јавноста е фактот дека само пред 5 дена со пукање се славеше победата на изборите во Чаир. Апсурдот за да биде уште поголем, доказите за тоа несакајќи ги обезбеди градоначалникот Висар Ганиу, вклучувајќи се во живо од големото славење, па на видеото во еден момент се слушаат и истрели, но се гледаат и полициски возила (како на фотографијата над текстот). По извесно време Ганиу го избриша видеото, но трагите остануваат во интернет просторот. Граѓаните се лути зошто нема ниту една постапка за казна на пукачите во Чаир, по теркот на оние кои настрадаа во Тетово.
-Обичните луѓе по свадби треба да казнуваат, ама пукање за политички славја зошто не е казниво?! И едното и другото го става во ризик сечиј човечки живот, луѓе умираат од тие пукања во празно, демек од среќа! Двојни аршини, и тука ли, аман веќе! – се само дел од коментарите на мрежите под објавената вест за пукањето во Џепчиште.
Реакцијата на граѓаните е сосема легитимна бидејќи откако заврши изборната ноќ, не слушнавме за случај на приведени лица или лице за пукањето во Чаир.
Каква порака упатуваат чуварите на редот и мирот кога за едни се мајка, за други маќеа? Излегува дека, ако сте обичен човек пазете да не ве фатат, ако пукате за политичко славење тогаш оружјето в рака и само напред.