Пекавме за дожд оти било многу врело летото. Дождот дојде, сега пекаме да престане. Зошто? Па очигледно улиците не ни се подготвени за дожд подолг од половина час.
Иако врне непрестано, тргнавме денеска во мала обиколка низ центарот на градот. Поплавени делови од населбите, насобраната вода на улиците која не се повлекува, граѓани кои мораа да вежбаат „скокање“ при преминувањето на улиците и да не бидат испрскани, „бањање“ од расклатените плочки на улиците беа само дел од она што денеска го забележавме по централното градско подрачје.
Но, освен ова, имаше и апсурди токму во самиот центар: површинската фонтана на плоштадот „Македонија“ интензивно работеше и истураше вода иако во исто време на неа се истураа десетици литри дожд на квадретен метар!? Буквално плоштадот станал фонтана, ама и фонтаната ди дурлеше вода. Која била потребата фонтаната да работи и во овие услови треба да објаснат надлежните бидејќи запирањето на нејзината работа не би требало да е поголем проблем, барем додека дождовите не престанат.
Малку подалеку, на улицата „Македонија“ дождот повторно ги откри и наполни дупките околу сите расклатени плочки долж централната градска пешачка улица. Барички и каллива вода ги има на секои десетина метри и пешаците беа принудени да прават „слалом“ долж улицата од која насобраната вода тешко се повлекува бидејќи добро не е решен одводот на дождовницата. Имаше и такви граѓани кои згазнуваа на таквите плочки – правејки си мини фонтани-прскалки.
-Секој дожд на оваа улица е вака. На едно место имате насобрано езерце, на друго бари околу изместените плочки. Веќе се навикнавме и ги избегнуваме тие места. А надлежните се навикнаа да не чувствуваат потреба да ги поправат, ни рече еден граѓанин.
На соседната улица „Свети Кирил и Методиј“ водата беше насобрана најмногу токму на пешачките премини. Па, заради тоа, оние граѓани кои не сакаат чевлите да им се наводенат мораа да скокаат за да ја избегнат водата или за да одбегнат да бидат испрскани од колите што минуваат.
-Ќе мора да вежбаме скок со стап изгледа, во шега-но сепак револтирано ни рече еден скопјанец.
Кај подвозникот кон Црниче сообраќајот се одвиваше нормално. Тука порано постојано имаше длабока вода која го попречуваше сообраќај, но сега веќе не. Се покажува дека интервенциите напревени пред неколку години со решетките на горните делови од улиците функционираат добро.
Но, вистинско езеро забележавме до крстосницата кај Народната банка. Водата од главниот булевар „Крсте Мисирков“ се слива на свртувалиштето од кај Банката кон МАНУ и тука останува. Десетина сантиметри беше длабока несобраната вода, а што предизвикуваше возилата да ја распрснуваат водата на сите страни. Проблемот е очигледно во тоа што надлежните тука не направија одводна шахта иако и на лаик му е јасно дека водата тука ќе се насобира.
Во соседното Маџир Маало во ред беше само главната улица во која неодамна беше направене и канализација. Во споредните беа направени вистински езера.
-Една улица е направена, а за овие чекаме да ни направат одводна канализација. Кога ќе биде тоа никој не кажува. На знаеме ни што се случи со ДУП-от што се предложи за населбава. Сега излегуваме само со длабоки гумени чизми, ни рече еден граѓанин.
Слична глетка видовме и во населбата Пролет. Дел од улицата и тротоарот станал вистинско езеро бидејќи и тука нема решен одвод на вода… Обилните дождови, очигледно, повторно потсетија дека градот го нема решено проблемот со канализацијата. А така ќе биде се додека само 30 проценти од неговото подрачје е покриено со атмосферската канализација…
До тогаш, ќе го молиме дождот да врне само по 20 минути.