Во Финска слетал авион од Македонија со 24 патници заразени со вирусот

Задолжителни тестови за Ковид 19 и двонеделен карантин ќе воведе Финска откако меѓу патниците кои од Скопје со авион слетале во финскиот град Кијуру имало дури 24 заразени со корона вирусот.

-Епидемијата е на Балканот. Од авиокомпаниите ќе се бара да ги известат своите патници доколку можат да бидат подложени на задолжителен тест за корона вирус по нивното пристигнување во Финска. Новите правила ќе се применуваат што е можно поскоро, бидејќи се потребни некои службени одобренија, изјави министерката за семејни работи и социјални услуги Криста Кијуру.

Случајот кој предизвика загриженост во Финска настана откако во саботата на аеродромот во финскиот град Турку пристигнал авион од Скопје со 157 патници од кои 24 по извршеното тестирање биле позитивни на Ковид-19. Агенцијата Ројтерс јави дека на аеродромот во саботата било организирано доброволно тестирање на сите патници кои пристигнале со летот од Скопје, откако властите утврдиле дека два неодамнешни авионски летови од Македонија и Романија, се главни извори на нови инфекции со корона вирус во Финска.

Во иднина ќе биде задолжителен двонеделен карантин и ќе се прават тестови за корона вирус за секој што ќе пристигне од земја каде што има меѓу 8 и 10 случаи на Ковид-19 на 100.000 жители во последните 14 дена. Авиокомпаниите ќе мора да ги информираат патниците дека ќе бидат тестирани по доаѓањето во Финска. Непочитувањето на двонеделниот карантин ќе биде санкционирано со затвор до три месеци или парична казна. Финска минатата недела имаше 2,3 заразени на 100 илјади жители. Во земјата досега се евидентирани 7600 позитивни на Ковид-19 и 333 смртни случаи.  

Претходна вестШилегов ги слушна ли идеите за поевтина санација на Универзална сала?
Следна вестПак ќе решаваат за протоколите за настава во училиштата, ќе има ли решение?