Шилегов ги слушна ли идеите за поевтина санација на Универзална сала?

Колку би чинела реконструкција на постоечкиот објект на Универзалната сала? Дали 17 милиони евра колку што спомнуваат градските власти во последниве дискусии или повеќе или, пак, помалку? На ова прашање треба што побрзо да се добие одговор заедно и со сите оние на останати варијанти за судбината на салата: колку ќе чини изградбата на новата сала на истата локација или изградба на некое друго место?

Одговорот на овие дилеми ќе помогне да се донесе исправен заклучок што да се прави понатаму. Мнозинството граѓани веќе се изјасни: да се реконструира постоечкиот објект кој не е во функција веќе пет години, но кој во нивната колективна меморија буди само убави сеќавања. Значи, ова е опција за која сигурно ќе треба да се размислува, а со тоа и колку ќе чини обновата на објектот.

Претставници на независниот синдикат на градежните работници и инженери вчера изјавија дека Универзалната сала може лесно и со мала инвестиција да се санира и да продолжи да работи. 

-Овој објект може многу лесно и со многу мали пари да се санира и да продолжи да ни носи разни активности, манифестации кои 55 години ги проследувавме во оваа сала, нагласи инженерот Атанас Трајковски од овој синдикат.

Вакви и слични идеи и пресметки ќе има и во иднина и добро би било градските власти да почнат да ги земаат предвид. За почеток, можат да ги повикаат претставниците на овој синдикат и да ги сослушаат нивните идеи околу реконструкцијата и трошоците. Врз основа на такви идеи полесно ќе се дојде до ставот каква реконструкција е потребна и колку ќе чини.

Градоначалникот Шилегов лесно зема во предвид мислење на едни градежници, нека ги разгледа и на другите. Впрочем, да не се случија реакциите на граѓаните Универзалната сала наскоро ќе се рушеше и на нејзиното место ќе се правеше некаков парк. Сега се виде дека тоа ќе беше погрешно решение. 

И што е најважно, Шилегов треба да побрза со донесувањето став. Скоро па му помина мандатот, а тој не е ниту на почетокот од решавањето на прашањето на Универзална сала. Друго ветуваше пред изборите.

Претходна вестСончево и топло до 30 степени
Следна вестВо Финска слетал авион од Македонија со 24 патници заразени со вирусот