Досега 50 компании испратиле апликации на повикот за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води за град Скопје, а рокот за поднесување на апликации е продолжен до 1 септември, информира денеска ЈП „Водовод и канализација“.
Повикот беше објавен во јуни годинава, а рокот за аплицирање беше до 17 август.
Изградбата на пречистителната станица, проект во вредност од 136 милиони евра е еден од најкапиталните инфраструктурни проекти кои во наредниве години треба да се изгради на подрачјето на градот. Според планираното, Скопје до 2025 година треба да ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар. Средствата во висина од 136,73 милиони евра, се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.
Пречистителната станица, со која урбаните отпадни води ќе се третираат во согласност со стандардите на ЕУ, ќе опслужува над 500.000 жители. Таа ќе ги третира отпадните води од подрачјата на девет од вкупно десет градски општини. Со тоа ќе се намали загадувањето на реката Вардар што позитивно ќе влијае врз животот на граѓаните течението на реката. Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води во справување при екстремни временски непогоди.