Обвинение против двајца браќа битолчани на возраст од 51 и 52 години заради дистрибуција на детската порнографија поднело Основното јавно обвинителство Битола. Првиот обвинет, во периодот од јули до септември 2016 година злоупотребил малолетничка која тогаш била на возраст од 13 години, за изработување на аудиовизуелни слики со порнографска содржина.
-Преку Фејсбук профил со друго име тој во повеќе наврати комуницирал со девојчето, од ИП-адреси физички лоцирани во Нов Јужен Велс, Австралија, каде обвинетиот престојувал од 30.03.2016 година. Притоа ја убедил оштетената, за која знаел дека е малолетна и нема навршено 14 години, да направи интимни видео клипови со порнографска содржина. Клиповите оштетената му ги испратила на обвинетиот, а во зимата 2017 година тој овие видеа со детска порнографија ги прикажал на друго дете кое не наполнило 14 години, испраќајќи ги од истиот Фејсбук профил во порака на втората оштетена, се наведува во соопштението
Во периодот меѓу 09.09.2010 година и 30.03.2016 година, во Битола, обвинетите браќа, како соизвршители, преку компјутерски систем набавиле и поседувале над 8.000 слики и видеа со содржина на детска порнографија, сочувани на хард диск и ДВД-а кои биле пронајдени и одземени при претрес на нивната куќа. Фотографии со детска порнографија биле пронајдени и при проверка на нивните мобилни телефони.
-Еден од обвинетите во текот на истражната постапка подолго време беше недостапен за органите на прогонот, па неговото присуство во текот на постапката беше обезбедено во постапка за екстрадиција со помош на Интерпол и надлежните органи на Република Грција. Дел од доказите во прилог на обвинителниот акт беа обезбедени преку инструментите на меѓународна правна помош од Австралија, информира Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Битола достави и предлог за продолжување на мерката притвор за првиот обвинет, кој се наоѓа во притвор откако беше лишен од слобода во Република Грција и екстрадиран во Македонија. Како основ за продолжување на притворот се наведува опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и можност да го повтори делото кое му се става на товар.