Во скопската општина Кисела Вода денеска почна изградба и пробивање на улицата „Есенинова“, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите „Борис Трајковски“ и “Трета македонска бригада“.
– Со овој коридор ќе се намали притисокот на раскрсницата кај „Тутунски комбинат“ бидејќи директната врска кон скопското сајмиште за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење. Ќе се намали и метежот во сообраќајот а со тоа ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух – изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи.
Новоизградената улица „Есенинова“ ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во „Трета македонска бригада„. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71.000.000 денари, односно, 1,1 милион евра, а рокот за изведба е 22 месеца.
Со изградбата на „Есенинова“, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите „Крсте Мисирков„ и „Кочо Рацин“ во Центар. Така на пример, од Чешма до „Континентал“ ако сега се патува 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, преку трасата „Есенинова“ – “Никола Карев“ – “Беласица“ ќе се патува само 2 километра. Изразено во време, тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути.