Доцна синоќа македонското Собрание ги верификуваше мандатите на пратениците кои доаѓаат на местото на идните министри во владата кои си дадоа оставки. Сето тоа беше направено со многу паузи и незадоволство на опозицијата.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица ја напуштија собраниската седница со образложение дека се постапува неделовнички односно Верификациската комисија нема мандат да решава, а и престанала да постои по конститутивната седница.
-Денеска СДСМ верификува мандати спротивно на Деловникот за работа на Собранието и неговиот член 17, кој јасно вели дека пратениците кои ќе станат пратеници од листата на кандидати во остатокот од мандатот Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, а не по предлог на Верификациската комисија, како што тоа денес го прави, посочија од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
-Нема да учествуваме во шверцувањето нови пратеници. Во Собранието на Република Македонија, владејачката коалиција на СДС+ДУИ, на очиглед на јавноста, прави противделовнички обид за верификација на мандатот на нови пратеници – спротивно на чл. 17 од Деловникот, соопшти вчера Левица.
СДСМ, пак, излезе со став дека опозицијата со ваквото однесување сака да создаде ситуација во која нема да бидат верификувани мандатите на новите пратеници што во иднина би значело и нефункционално Собрание и нова политичка криза.
-Денешното однесување на опозицијата може да доведе до ситуација во која нема да може да се верификуваат мандатите на пратениците кои доаѓаат на местата на оние кои во иднина ќе бидат министри. Тоа во иднина би значело дека ќе имаме нова легитимна влада, но нема да имаме фукционално Собрание. Тоа би значело нова криза. Токму тоа е причината зошто ги преземаме овие чекори, нагласи Јован Митрески, координатор на СДСМ од собраниската говорница.
Доцна вечерта седницата ја напуштија и пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива со образложение дека 12 часа се во Собранието и со барање седницата да продолжи денеска на што реагираше претседателот на Собранието, Талат Џафери со објаснување дека законодавниот дом ќе работи сѐ додека има соодветно мнозинство.
Верификувани се мандатите на новите пратеници – Бедри Фазлиу, Драгица Ѓавочанова, Зекир Рамчиловиќ, Белкиса Зеќири, Славјанка Петровска, Снежана Калеска-Ванчева и Мирослав Богдановски.
Штета е, но и загрижувачки што новиот парламентарен состав веднаш почна со недоразбирања, спорни одлуки, напуштања на седници од опозицијата… Како ли ќе биде во иднина?