Македонија и Србија со најмногу починати од вирусот меѓу земјите во регионот

Со 573 починати од вкупно 13.799 заразени лица од корона вирусот, Македонија, е на врвот кога се прави споредбата со вкупната бројка на починати во останатите земји во балканскиот регион. Единствено Србија има повеќе, односно 705 пациенти починале од дури 30.820 лица кои биле заболени. Но, тука мора да се земе во предвид дека Србија има скоро четири пати поголема популација од Македонија.

Ако се гледа вкупниот број на починати, најблиску до нашата држава се само Бугарија во која до вчера се починати 572 лица од заразените 15.589, како и Босна и Херцеговина со 560 починати од 18.326 инфицирани лица. А, да не заборавиме, и овие две држави имаат поголемо население од Македонија.

Според податоците кои редовно се објавуваат на интернет страницата www.worldometers.info за секоја земја во светот, во останати земји во нашиот балкански регион има далеку помалку починати лица. Така, зад овие три земји следуваат Албанија во која до вчера се починати 259 граѓани од 8.759 заболени, Грција со 243 од 8.987 инфицирани додека во Хрватска има 175 умрени од 8.530 заразени граѓани. Многу помалку починати до сега имало во Словенија – 133 од 2.722 заболени и во Црна Гора каде до вчера починале 87 од 4.444 инфицирани граѓани. Од сите овие држави само Црна Гора има помалку жители од Македонија.

Македонските здравствени власти до сега не дадоа конкретно и прецизно објаснување која е причината за вака голема бројка на починати лица, само често се повторуваше дека дел од пациентите доцна се јавуваат за лекување, а некои и претходно имале други заболувања.

Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (418) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 103,6/100.000 жители. Од починатите, кај 455 (80,1 отсто) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (н=348), дијабет (н=162) и белодробна болест (н=83). Регистрирани се три смртни случаи кај бремени жени и пет смртни случаи кај здравствени работници. Околу седум проценти од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а останатите 93,7 проценти починале за време на хоспитализација. 

Претходна вестОхридскиот советник Нефи Усеини и брат му спроведени во притвор
Следна вестПочинаа 5 пациенти на возраст од 46, 49, 50, 63 и 82 години, новозаразени од вирусот се 119 лица