Очигледно е дека досегашните прскања не го дадоа саканиот ефект и дека нешто треба да се менува во стратегијата за уништување на овие инсекти кои го тероризираат Скопје. Градоначалникот Шилегов ќе мора со проблемот да се зафати многу посериозно.
За менување на стратегијата е и професорот Слободан Банџо од Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Укажувањето на професорот Банџо доаѓа по многубројните поплаки на граѓаните за бројни напади и наезда на комарци на целото градско подрачје во овој период. Поплаките доаѓаат и покрај фактот што надлежните градски власти до сега веќе четири пати извршиле теренска и авионска дезинсекција како на ларвите така и на возрасните форми на комарците. Употребено било хемиско средство на познат германски производител „Баер“, а за ова намена годинава од градската касе ќе отидат околу половина милион евра. Но, и покрај тоа комарците не се истребени туку како да станаа уште побројни и поагресивни. Тоа ги отвори сомнежите кај граѓаните дали е употребен најсоодветен препарат и дали прскањето се врши според предвидените норми.
-Сигурен сум дека досегашните прскања придонеле да се намали бројот на комарците. Но, не и доволно. Јас не знам кое средство за прскање се користи, но претпоставувам дека се работи за синтетичко средство кое не е многу токсично за граѓаните и за топлокрвните животни. Оние комарци кои дошле во контакт со капките од оваа средство сигурно загинале. Но, не дошле во контакт сите комарци, како надвор, така и оние кои веќе престојуваат во затворени простории. Значи, од некоја причина прскањата не се доволни, потенцира професорот Банџо.
Градските власти деновиве објаснуваа дека причината за намножените комарци треба да се бара и во тоа што имавме влажно и врнежливо време. Пред две години, причина за намножените инсекти беше доцнењето на тендерот за набавка на хемискиот препарат.
-Сигурно дека влажното време влијаело годинава да имаме зголемена популација на комарци. Овие инсекти своите јајца ги полагаат во стоечки води и од нив се развиваат прво ларви и потоа возрасни комарци-имаго. Доколку надвор владее топло време тогаш циклусот на развојот е покус. Во текот на оваа сезона може да се очекува дека ќе развијат неколку генерации на комарци. За колкава бројка станува збор се гледа и од фактот што една женка полага околу стотина јајца од кои се развиваат нови и нови комарци, вели овој експерт.
Скопското подрачје важи за поднебје кое е мошне погодно за размножување на комарците. Во минатото, Скопската блатија била регион во кој овие инсекти најмногу се намножувале. Тоа били и причината за појавата на маларија, болест која ја пренесуваат овие инсекти.
-Многу е важно на градското подрачје да немаме стоени води. Но, ги имаме. Такви се на пример, езерцата во Градскиот парки и други водени површини. Секаде каде вода стои повеќе од три недели може да настане легло на комарци, вели професорот.
Врзано со ова, тој укажува и во кој правец би требало да оди менувањето на стратегијата за истребување на овие инсекти
-Важно е да не се дозволи да имаме стоечки води или тие да се третираат со хемиски средства за да не се дозволи развојот на ларвите. Таква е стратегија која се повеќе се прави во европските земји – се користат биолошки препарати како гранулирани инсектициди кои се ставаат во вакви води и не се дозволува развојот на ларвите. Со прскањето од авиони не може да се уништат сите комарци. Потребна е промена на стратегијата со која ќе се опфатат леглата во водите. Можно е комарците да станале резинстентни ако еден препарат или препарати од иста група се користат неколку години по ред. Но, верувам дека на нашите стручњаци тоа им е познато и дека ги менуваат, потенцира професорот Слободан Банџо.