Борисов брзо го потсети Заев на нивниот договор, историско-образовните прашања…

Заев уште не ја испроба како што треба премиерската фотелја, а веќе стигна честитка од бугарскиот премиер Бојко Борисов.

– Бугарија неуморно се залага за правото на граѓаните на Република Северна Македонија да бидат дел од европското семејство, рече премиерот Бојко Борисов во честитката до својот колега, пренесува „Бгнес“.

Бугарскиот премиер посочува дека кога тој и Заев лично го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година, тие не само што отворија ново поглавје во историјата на билатералните односи, туку и му покажаа на светот дека земјите од регионот се доволно зрели, способни и амбициозни сами да ги решаваат своите проблеми.

Борисов изразува уверување дека како и пред три години така и денес водечки фактор за политичарите е желбата да се обезбеди подобра иднина за граѓаните, бидејќи односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија се развиваат на нивото на кое треба да бидат секогаш – на најблиски соседи и пријатели.

Во честитката до Заев, Борисов додава дека двете земји треба да останат одговорни и посветени на исполнување на целите поставени во 2017 година со потпишаниот договор.

– Во тој дух, искрено се надевам дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања наскоро ќе ги продолжи своите активности и дека членовите на Република Северна Македонија ќе покажат конструктивен став и јасна посветеност да се постигне согласност за прашањата што се дискутираат, потенцира Борисов.

Претходна вестАпасиев и Крмов: Зошто на влез ни мерат температура кога и болен пратеник пуштија да влезе во Собранието?
Следна вестМицкоски: Немам намера да поднесам оставка, а Владата ќе падне пред крајот на мандатот