Настава со физичко присуство на учениците ќе може да се одржува во основни и средни училишта со класови најмногу до 20 ученици и со запазување на дистанца од 1,5 метри, најави денеска Мила Царовска, министер за образование.
На прес конференцијата таа рече дека од 1 октомври во основните и во средните училишта ќе се применува комбинираниот модел на наставата. Учениците и родителите претходно ќе се изјаснат преку каков модел сакаат да ја следат наставата.
-За децата од прво до трето одделение во основното образование е многу важно да ја следат наставата со физичко присуство, за развој на моториката, за описменување и средба со образовниот процес. Но, и тука е дадена можност за избор, родителите да решат дали децата да учат онлајн или со физичко присуство. За деца кои ќе учаат онлајн училиштето мора да обезбеди услови, рече Царовска.
Ваква комбинирана настава ќе биде овозможена и за учениците од четврто до девето одделние во основното образование и од прво до четврто во средно.
-За настава со физичко присуство училиштето ќе може да формира паралелки до 20 ученици. Наставата може да се одржува и во смени. Ако некое училиште смета дека ги исполнува условите, може да побара од основачот, општината, да одржува настава со физичко присуство, на редовен начин. Но, тоа треба да го поткрепи со докази. Училиштата барањата треба да ги поднесат најдоцна до 10 септември и да поткрепат дека имаат услови за настава со физичко присуство, рече Царовска.
Таа додаде дека до 15 септември треба да се знае кои училишта ги исполнуваат условите за физичка настава. Дотогаш треба да биде изработена и националната онлајн платформа која ќе им овозможи водење и следење на наставата на наставниците и на учениците.
-Наставниците ќе бидат во училишта и онлајн наставата ќе ја вршат преку националната онлајн платформа. Наставникот кој ќе држи час во училница ќе може да ги вклучи учениците кои од дома наставата ја следат онлајн или да им го сними и испрати реализираниот час, или, пак, да испрати испечатен материјал, објасни Царовска.
Оние ученици кои немаат интернет дома ќе одат на настава со физичко присуство а ако родителите не се согласуваат на ученикот ќе му се дава печатен учебен материјал.
МОН преку единствената национална платформа за далечинско учење ќе го следи присуството на наставниците на онлајн часовите, а ќе се води и евиденција за учеството на учениците
–Единствената платформа за далечинско учење ќе нуди можност да се гледа кој од наставниците е уклучен и во колкав временски период, но и секако физички ќе се следи наставата и присуството на наставниците на нивното работно место, рече Царовска.