Застој во сообраќајот на скопски Бит-пазар предизвикала крава која околу пладне се шетала на трите сообраќајни ленти кои од Чаир водат кон Центар. Таа слободно се движела по коловозот без притоа да биде тргната од некој од граѓаните, возачите или полицијата.
Фотографијата за овој настан денеска на социјалните мрежи ја објави скопјанецот Зоран Поповиќ кој ни изјави дека била изненаден од глетката.
-Возев од Чаир кон Бит-пазар и имаше долга колона на возила. Мислев дека се случила некоја сообраќајка, но набрзо видов дека причината за застој е кравата која што се шета по коловозот. Таа слободно си се движеше и никој не ја тргнаше. Не ми е јасно од каде се појавила, но секако не и е место на оваа прометна сообраќајница, ни рече тој.
Во коментарите под објавата на Фејсбук-група „Ѕид на сообраќаен срам“ граѓаните наведоа дека кравата ја виделе и кај Нова Железничка станица.
– Хахаха пред 30 мин кравава беше на новиот мост кај Железничка. Ја бркаа некои луѓе, но штом стигнала од Бит – пазар била брза…напиша еден скопјанец.
-Попрво кравата во воз ќе се качи, отколку институциите да преземат нешто, напишал друг скопјанец.
Другите граѓани искажуваа чудење како е ова можно да се дозволи на градските сообраќајници. Некои се прашуваа дали е фотките се од Скопје или од Индија…