Со слоганот „За членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев“ најголемата опозициска партија вечерва во Скопје го почна новиот во серија протести кои што неодамна ги најави. Пред зградата на Министерството за правда беа собрани повеќе граѓани кои носеа транспаренти, македонски знамиња, како и маици со ликот на големиот македонски револуционер Гоце Делчев.
Предвидено е простестантите од Министерството за правда да продолжат кон мостот „Гоце Делчев“ се до зградата на Министерството за надворешни работи.
На однапред видно обележано место пред Министерството за правда се делеа пораки и транспаренти кои се дел од протестот.
-Гоце Делчев е еден од најсветлите ликови врз чии постулати почива современата македонска држава. Тој е дел од нашиот идентитет и црвена линија за нашето достоинство. Токму за него и за историски факти далеку од очите на јавноста преговара владата на Заев со нашиот источен сосед. Трговијата со неговото име и постоење значи трговија со нашето постоење и она што сме и ќе продолжиме да бидеме, тоа е Македонци. Во меѓувреме нема никакво поместување на патот кон Европската Унија. Европската Унија останува уште едно неостварено ветување на Зоран Заев и неговата власт. Не чувме идеја, ниту план, изјавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.