Настава со физичко присуство на учениците ќе се одвива во 169 основни и четири средни училишта, произлегува од извештајот кој Владата на вчерашната седница го усвои, а беше поднесен од Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство.
Шест државни основни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно училиште, 15 централни општински основни училишта и 147 подрачни основни училишта ќе добијат дозвола за настава со физичко присуство. Услови за настава со физичко присуство не исполнувале 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни и 2 приватни училишта.
За организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања. Решено е согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија)“, стои во соопштението на Владата.
На предлог на Комисијата за заразни болести, денеска усвоен е и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со Ковид-19.