На Скопје најмногу му недостасува граѓанска култура

Професoрката Симона Груевска – Маџоска од Институтот за македонски јазик посакува многу работи да му се случат на нејзиниот роден град, првенствено да биде сакан од сопствените жители…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Растев во Скопје познато по бруталистичката архитектура, која, морам да кажам, не ми се допаѓаше премногу. Огромни бетонски зданија кои не беа многу функционални, иако специфични според архитектурата. Тесни ходници низ кои тешко можеш да се снајдеш на Филолошкиот факултет на УКИМ, амфитеатри во кои зиме е ладно, а лете задушливо и топло. Несредени делови дури и во најстрогиот центар на градот, проблеми со хигиената и со јавниот превоз, мирисот на паланка… Но, израснав во Тафталиџе со познатите ружи кои ги споменува мојот сосед Влатко Стефановски, со крадење цреши по дворовите, безбедно играње на улиците по кои ретко се движеа автомобили ‒ една сосем поинаква атмосфера, а жалев што не сум родена порано да го почувствувам духот на старото предземјотресно Скопје, да одам на игранки и да танцувам на музиката на Шпато.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Тешко прашање. Скопје од минатото е поврзано со носталгија за едно друго време и за една младост, а Скопје сега за некои работи го сакам и повеќе. На пример, многу ми се допаѓа што градот хортикултурно е добро уреден, со многу цветни аранжмани, потоа со уметнички графити, особено тие на Зоолошката градина, но и на други места, што почнуваат да се средуваат велосипедски и пешачки патеки, што се осмислуваат терени за спортски активности, што кејот на реката Вардар е среден и полн со скопјани. Но Скопје сега речиси воопшто не личи на себе. Проектот „Скопје 2014 “е нешто ужасно што му се случи на градот. Јас не сум од оние што го глорифицираат Скопје какво беше пред тоа, Напротив. Скопје воопшто не беше убав град и требаше да му се случи разубавување. Но не на ваков начин. Стилски изгледа сосема туѓо зашто тие правци во уметноста воопшто не биле карактеристични за нашето поднебје, со што покажуваме дека се срамиме од себеси и сакаме да глумиме нешто што не сме. Никаде во светот не се прават споменици на убијци ‒ тоа не е нешто со што еден народ треба да се гордее. Имаме доволно уметници, просветители и научници достојни за споменици. Врвот беше реконструкцијата на објектот на Владата на Македонија ‒ да се смени личниот опис на едно архитектонско дело со познат автор е апсурд. Тој објект имаше начин како соодветно да се реновира.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Тоа би требало некој друг да го каже, но, се сметам за добар граѓанин и сограѓанин.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

-Со неговата отвореност и шареноликост, со мирисот на липите во јуни кој го обожавам и со тоа што е Град на солидарноста.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Да, Скопје е преголемо, но не може да се спречи неговото ширење. Јас би апелирала тоа да биде планско, а не така како што диктираат парите, и да мора да има задолжителни зелени појаси.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

-Во градот најмногу ми недостасува граѓанска култура.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Сакам да живеам во чисто Скопје ‒ чисто и од аспект на воздухот кој го дишеме и од аспект на отпадот во кој сега се задушуваме. Сакам да живеам во зелено Скопје, со намален број автомобили, со добар јавен превоз и велосипедски патеки насекаде, а не само на главните сообраќајници. Сакам да живеам во Скопје кое скопјаните ќе го сакаат и ќе се грижат за него…

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Во некои сегменти сум задоволна од институциите и има некаков напредок, но главниот проблем на Скопје е загадувањето и за тоа ништо суштински не се презема. Видовме дека иако претходната власт беше многу критикувана за тоа прашање, ниту новата власт ништо не направи. Не можам да сфатам како некој може да не презема ништо и да остава цели генерации да се трујат и да умираат од последици на тоа загадување.

Претходна вестГо раскопаа и блокираа Скопје, а можеа за време на полицискиот час многу работи да завршат
Следна вестНастава со физичко присуство во 169 основни и 4 средни училишта