Микробилогот д-р Никола Пановски одговора на прашањата на „Скопско ехо“ за тоа дали е прифатлива најавената мерка за постојано носење на заштитни маски од страна на граѓаните и на отворен простор.
Дали сметате дека ваквата мерка е оправдана со оглед на прашањето дали кога одиме сами по улица некого загрозуваме или сме загрозени?
-Се надевам дека е нешто грешно пренесено. Апсолутно не се согласувам со таа најавена обврска, која би предизвикала голема штета и недоверба кај населението. Мерка која е спротивна на научните сознанија, спротивна на она што се случува во практиката, која ќе биде одбиена од населението до тој степен што маските нема да се носат и таму каде што е неопходно, а се поголем дел од населението ќе ги игнорира мерките за заштита, број кој и до сега не е мал, напротив. Сигурен сум дека нема да се донесе, а не требаше ни да се споменува.
Главен начин на пренос на овој вирус е респираторниот, преку капки и ареосоли. Инфективната доза е релативно голема, треба стотици вируси да навлезат за да предизвикаат инфекција, за разлика од вирусите на морбили, варичела и вариола, каде и една честичка е доволна. Затоа вирусот многу потешко се пренесува на отворено или во големи простории. Илјадници луѓе се собираа на отворено, имаше и има масовни протести, во ресторани и барови, плажи итн. без да се носат маски. Нема докази дека некој така се заразил, а воопшто нема докази дека некој се заразил ако бил сам на улица!!! Треба директен контакт на растојание помало од два метри, кое ќе трае подолго време и во кое заразениот ќе кива, кашла или зборува. Имено, на отворен простор исфрлениот вирус толку се разредува во воздухот, така да инфекцијата е скоро невозможна, а при дистанца е секако невозможна.
Кога шетаме сами, се извинувам, ама смешно е и да помислиме дека можеме да се заразиме. Во затворен простор каде има мал волумен на воздух, а повеќе луѓе, маската е корисна. Затоа маските и дистанцата имаат одличен ефект, ако се применуваат правилно. Носењето на маска е мачна работа, ако е носи подолго време. Се разбира не и без реперкусии на органите за дишење, имунитетот, оксигенација на крвта. Затоа е многу важно, маската да се носи само кога е неопходна, а надвор ако сме сами само при загаден воздух.
Дали другите мерки се оправдани како најава – за локали и слично? Кои мерки вие сметате дека би требало да се преземаат во иднина
-Зависи од тоа дали ќе се постигне договор помеѓу властите и народот. Идеално би било сите лидери на политичките партии, и од власта и од опозицијата да го повикаат народот да избегнува собирања во затворен простор, кои не се неопходни, колку и да се традиционални, и да ги почитуваат мерките за лична заштита (овие сегашниве). Дека ова е глобална закана во која мора да бидеме обединети. Изгледа логично, многу лесно и едноставно, од национален интерес е, но за жал нема да се случи. Најрадосен би бил ако грешам.
Понатаму, треба да се контролираат младите, особено во вечерните и утринските часови, кои нема да мораат да се будат рано за да одат на училиште. Ако тоа не успее од страна на родителите, треба рестриктивни мерки. Така би се справиле со овој предизвик, не би имало многу ни настинки, ни грип, па ни ковид 19. Парадоксално и трагично е што сега децата не одат на училиште, а се собираат надвор. Ако продолжат така да се собираат во затворено, не очекува катастрофа. Во секој случај ќе биде посериозно отколку што е сега.
Јавниот превоз, мали, непроветрени простории, чекални, јавни тоалети итн., тука маската и дистанцата се закон. Мал волумен, многу луѓе, можност за големо вирусно оптеретување на воздухот и можност за заразување на сите кои се внатре. Гледам луѓе без маски во комбиња секојдневно патуваат, работнички се уште се инфицираат во преполнети автобуси, тука треба да се стави акцентот. Потребно е ограничување на работа на баровите, рестораните внатре, доколку нема вентилација која го прочистува воздухот. За крај, за апсурдноста на мерката за носење маска надвор кога сме сами еве пример: четворица другари се договараат да се најдат на кафе. Сите доаѓаат посебно и на отворено носат маски. Влегуваат во ресторанот, седнуваат и ги вадат маските да пијат кафе!!! Таму каде што не можат ни теоретски да се заразат носат маски, а каде што постои реална опасност од зараза, ги вадат маските.