Јавен обвинител на предлог на опозицијата, спречување на реваншизмот, притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, формирање Комисија за заштита од дискриминација, отворање на сите предмети каде е почувствувана неправда, се барањата кои на синоќешниот протест ги истакна опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски порача дека „правдата во Македонија е нападната“.
-Власта да го исполни ветувањето дадено од „мафијата кога беше во опозиција“, да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен Јавен обвинител, кој ќе го исече од корен криминалот, почнувајќи од првото дело завршувајќи со последното, без разлика на политичката припадност, нагласи Мицкоски.
Тој побара под итно да се спречи реваншизмот, притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, војската, Министерството за внатрешни работи.
-Државата во моментов е без Комисија за заштита од дискриминација. Потребно е најитно формирање на комисијата и донесување на нов Закон за заштита од дискриминација. Мора оние кои што се подложни на уцени, закани да бидат заштитени, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека сите предмети кои што се познати во јавноста, каде е почувствувана неправда, притисок, уцени и реваншизам, каде правдата не е заштитена, сите предмети за криминал, за кои власта сега молчи, да бидат отворени и предмет на ревизија.
-Подеднакво да бидат предмет и на анализа зошто не се постапувало, а требало да се постапува, нагласи Мицкоски.