Повик до претседателот на Македонија Стево Пендаровски заедно да го уредат целиот покрив на Градски трговски центар во Скопје упати синоќа скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој зборуваше на затворањето на меѓународниот фестивал на европски филм – Cinedays што вчеравечер се одржа на зелениот покрив на ГТЦ.
– Фестивалот не само што успешно ја пребродува короната, туку тоа го прави и на најдобриот можен начин, реоткривајќи ги културните простори во Скопје. Дел од проекциите на фестивалот се одржаа пред поранешните кина Маџари, Влае, Кисела Вода, Напредок. И еве сме, пред еден предизвик. Јас сум спремен, претседателе Пендаровски, како градоначалник да го финансирам проектирањето и ве повикувам вас, заедно да го уредиме овој простор како нов културен простор, а во име на кандидатурата на нашиот град за Европска престолнина на културата во 2028 година. Заеднички, вие како покровител, а јас како реализатор, да отвориме еден нов културен простор како што е покривот каде што вечерва се наоѓаме – рече градоначалникот Шилегов.
Дали ова ќе го прифати Пендаровски не се знае. Како што не се знае и до кога економската криза ќе ги гази дуќанџиите во ГТЦ од кои многумина веќе и ги затвотија продавниците. Но, еве, убав покрив може и ќе добијат.