Рудникот САСА казнет со 50.000, одговорно лице со 15.000 евра за загадувањето на Каменичка река

Глоба за правното лице Рудник САСА во висина од 50 000 евра, а за одговорното лице глоба во висина од 15 000 евра во денарска противвредност, е казна што треба да биде платена за неодамнешното загадување на Каменичка река. Ова е резултат на спогодбата која е постигната меѓу Државниот инспекторат за животна средина и Рудникот САСА по големиот еколошки инцидент.

Освен ова, Рудникот САСА е задолжен да ги исчисти деловите од речното корито на река Каменица од јаловишен материјал и истиот да го однесе на депонијата за јаловиште со која располага рудникот, да изврши интервентно чистење на талогот на јаловината од бунарската зона на Каменица со цел да се спречи понатамошно загадување на подземните води.

-Да се исчисти зафатот од талогот на мала хидроелектрана која е под јаловиште бр. 4 со цел ставање во функција на зафатот на вода за производство на електрична енергија, да се стабилизира објектот јаловишна брана бр.4 и однесениот материјал јаловишен песок да се замени со соодветен материјал со исти или повисоки јакосни карактеристики, се наведува во спогодбата што ја објави Министерството за животна средина.

Се бара и да се предвидат дополнителни мерки за оперирање со хидројаловиштето пред се зголемување на должината на плажата од јаловишна кал со кое ќе се минимизира можноста од повторна контактна филтрација и други мерки.

Претходна вестИ Пендаровски нешто да сработи
Следна вестНова снимка со полициско тепање на граѓани на улица