„Error: Database connection failed“. Ете ова беше испишано на компјутерите на многу ученици кои утрово пробаа да ја тестираа Националната платформа за учење на далечина во Македонија. Големи беа најавите од Владата, ама…
„Грешка, врската со базата на податоци не може да се воспостави“ е одговорот на компјутерот на прашањето колку системот на Владата е подготвен за работа во образованието. А за неколку дена треба да почне учебната година и тоа со закаснување од еден месец.
Бројните ученици се обидуваа да се поврзат како резултат на тестирањето откако викендов добија лозинки со кои им е овозможен пристап до платформата.
-На првиот ден, првиот пробен час кој требаше да го одржиме на новата платформа за учење од далечина, како некој вид на тест за истата, веднаш се јави проблем. Веќе 30 минути веб страната е блокирана и никој од нас учениците не е известен што треба да прави. Едноставно седиме и чекаме. Замислете како ли му е сега на дете од прво одделение на кое родителите му дале насоки како да се уклучи, и сега му се појавува еррор. Што да очекуваме од први октомври ако на еден пробен час се случува ова?, реагира еден ученик на социјалните мрежи.
Дел од родителите, пак, коментираа дека уште вчера добиле инфорамции дека денеска ќе има проблеми со функционирањето на Платформата и дека главното тестирање е предвидено за утре.
-Кога од еден час падна систмеот, како ли ќе биде со цела настава. Катастрофа, коментира друг родител.
Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ изјавија дека тоа е дел од тестирањето и станува збор само за моментални проблеми со поврзувањето на платформата.
-Ова е очекувано, затоа служи тестирањето, тоа е поентата, да се види издржливоста на платформата – велат од МОН, додавајќи дека не станува збор за некаков проблем со платформата.
Дали се ќе се среди до 1-ви октомври или пак ќе има поместување на датумот за почеток на школската година ќе видиме деновиве.