Левица: Владата доцни три недели со конкурсот за студентски легла

Кој студент ќе има право да се смести во студентските домови? На ова се уште нема одговор, поради што реагираат од партијата „Левица“.

На само три дена од одложениот почеток на учебната година, не се знае изборот на студентите кои би добиле место во редуцираните капацитети на студентските домови, иако според најавите на Владата истиот требаше да биде објавен пред три недели, велат од политичката партија Левица.

-МОН и Владата немаат конкретни одлуки и насоки за цел дијапазон прашања што ги вклучуваат и наставниците и учениците и студентите и нивните родители. Ресорното Министерство за образование и наука издава општи соопштенија, наменети за површна медиумска присутност, но не и за ефективна и практична употреба од страна на идните академски граѓани. Во изминативе шест месеци, ресорното министерство ‘успеа’ да објави Конкурс за студентско сместување на 28.07.2020, но не и да ги процесира и објави резултатите навремено за студентите кои зависат од тоа. Исто така, успеа на 23.09.2020 само да даде општо соопштение на веб-страницата на МОН дека ќе предложи до Владата (која ќе предложи до Собрание) Предлог-закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард. Со најавениот предлог, на студентите и учениците кои конкурирале за сместување во студентските и ученичките домови и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом – ќе им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, потенцираат од Левица.

Како што се додава во соопштението, за да ја остварат оваа помош, студентите и учениците треба да се пријавуват на интернет платформа која е сѐ уште неактивна, односно неупотреблива.

По овој план, според Левица, јасно е дека наместо да се оспособат други јавни капацитети за студентско домување кои ќе останат во функција и наредните години – буџетските средства ќе се издвојат по непознати критериуми, за еднократна активност (покривање трошок за сместување), што не го прават ни најбогатите држави во светот. Од политичката партија оценуваат дека со ова темпо на динамика на решавање на круцијални прашања за студентите – очигледно е дека ресорното Министерство се однесува како набљудувач, а не лидер на ситуацијата, додека учениците и студентите немаат информација како ќе го решат сместувачкото прашање оваа година.

Претходна вестПритвор за дрвокрадците – тепачи на петте полицајци
Следна вестДецата денеска научија што е „Error“, а од утре…